Австралија откри пропусти во заштитата на децата на „Стим“, „Роблокс“ и други гејмерски платформи
Австралискиот регулатор за безбедност на интернет откри сериозни пропусти во начинот на кој популарните платформи за видеоигри ги заштитуваат децата во онлајн-просторот. Нов извештај покажува дека „Стим“, „Роблокс“, „Фортнајт“ и „Мајнкрафт“ применуваат нееднакви мерки за безбедност на најмладите корисници.

Австралиската комесарка за е-безбедност, Џули Инман Грант, изјави дека децата имаат право да играат онлајн без да бидат изложени на лица со злонамерни намери, сексуална уцена, насилни екстремистички содржини или други штетни материјали.
Според неа, недоволната безбедност на платформите им овозможува на злонамерни возрасни лица да стапат во контакт со деца со цел сексуална злоупотреба или радикализација.
Во извештајот се наведува дека американската компанија „Валв“, сопственик на „Стим“ и „Стим чет“, е единствениот од анализираните даватели на услуги што не користи технологија широко распространета во индустријата за откривање и отстранување познати штетни содржини.
Исто така, се наведува дека „Валв“ не користи активно алатки за откривање материјали поврзани со сексуална злоупотреба на деца или насилни содржини во разговорите, додека постојните системи главно се насочени кон откривање измами.
Според извештајот, „Роблокс“ и „Валв“ користат исклучиво сопствени бази на податоци за обучување на системите за откривање јазични содржини, а моделите не се обучуваат повторно во редовни интервали.
Инман Грант порача дека од овие сервиси се очекуваат поголеми напори за откривање и спречување сериозни закани, вклучително сексуална злоупотреба на деца, сексуална уцена и содржини што поттикнуваат или поучуваат насилство.
Во извештајот се посочува и на проблеми со проверката на возраста на корисниците.
„Мајнкрафт“ и „Фортнајт“, кои нудат детски кориснички сметки, во голема мера им овозможуваат на корисниците самите да ја наведат својата возраст. Тоа значи дека лице кое ќе се пријави како возрасен корисник може да добие пристап до комуникациски функции со повисок ризик.
И „Стим“ се потпира на возраста што ја наведуваат самите корисници, иако платформата неодамна воведе дополнителни проверки на возраста преку кредитни картички. „Роблокс“, пак, од минатиот декември применува построги механизми за проверка на возраста.
Друг проблем посочен во извештајот е нееднаквото учество на четирите платформи во размената на информации и заедничките иницијативи во индустријата.
„Моџанг студиос“, развивачот на „Мајнкрафт“, и „Роблокс“ ги споделуваат своите искуства и знаења со индустријата во борбата против онлајн-злоупотребата на деца и насилниот екстремизам, додека „Валв“, според извештајот, не го прави тоа.
Од друга страна, се наведува дека „Епик гејмс“, компанијата зад „Фортнајт“, не споделува примери на прекршувања со други платформи во рамки на глобална програма создадена за борба против онлајн-сексуалната злоупотреба и експлоатација на деца.
Извештајот на Австралиската комисија за е-безбедност се темели на информации собрани од октомври 2025 до март 2026 година за начинот на кој платформите ги штитат корисниците од сериозни закани на интернет.
Австралија во последните години привлече глобално внимание со мерките за зголемување на безбедноста на интернет.
Минатиот декември земјата воведе забрана за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години, која не ги опфаќа платформите за видеоигри. Неодамна, технолошките компании беа обврзани и да им овозможат на корисниците избор да не ги користат алгоритамските препораки на социјалните мрежи.
Од „Мајкрософт“, сопственик на „Мајнкрафт“, како и од компаниите „Валв“, „Епик гејмс“ и „Роблокс“, е побаран коментар за наодите од извештајот.
