Фон дер Лајен во Скопје, во фокусот европската перспектива и спорот со Бугарија
Фон дер Лајен ќе има тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски, по која е предвидена заедничка прес-конференција во Медија центарот на Владата. Таа ќе се сретне и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Вила Водно.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска е во официјална посета на Скопје, во рамки на турнејата низ Западен Балкан. На средбите со државниот врв ќе се разговара за европската перспектива на земјава, пристапувањето кон ЕУ и можностите за надминување на спорот со Бугарија.
Фон дер Лајен ќе има тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски, по која е предвидена заедничка прес-конференција во Медија центарот на Владата. Таа ќе се сретне и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Вила Водно.
Во пресрет на посетата, премиерот Мицкоски повтори дека Владата е подготвена за разговори и изнаоѓање решение, отфрлајќи ги обвинувањата на опозицијата дека го блокира евроинтегративниот процес поради неприфаќањето на уставните измени.
Нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни. Ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот да најдеме решение – изјави Мицкоски.
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, пак, изјави дека земјава бара решение со Бугарија што ќе обезбеди предвидливост и сигурност во процесот на евроинтеграција. Според него, постои подготвеност кај европските институции и кај дел од земјите членки да помогнат во засилувањето на дијалогот.
Посетата на Фон дер Лајен на Скопје е дел од нејзината турнеја низ Западен Балкан, во рамки на која таа ги посети Албанија, Црна Гора и Косово.
