Продолжува доказната постапка за „Државна лотарија“
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за предметот „Државна лотарија“. Обвинителството досега презентираше документација за работењето на Државна лотарија, односите со „Казинос Аустриа“, набавката на видеолотариски терминали и финансиските трансакции.

Со продолжување на доказната постапка денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжува судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој се обвинети поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами и уште шест лица.
Обвинителството досега презентираше документација поврзана со работењето на Државна лотарија, односите со странскиот партнер „Казинос Аустриа“, набавката на видеолотариски терминали, владините одлуки и финансиските трансакции.
Според обвинението, осумтемина со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ од 596.125.511 денари.
Сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Судењето го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски, а обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски.
