Сцена

Autechre вечерва првпат пред македонската публика во МКЦ

02.10.2026 09:40

Британското електронско дуо Autechre вечерва за првпат ќе настапи во Скопје, во Младинскиот културен центар. Концертот ќе се одржи во целосен мрак, со посебен безбедносен протокол, а на програмата се и MDX на Andy Maddocks и македонскиот музичар Александар Ордев.

Британското електронско дуо Autechre вечерва за првпат ќе настапи пред македонската публика во Младинскиот културен центар во Скопје.

Покрај Sean Booth и Robert Brown, на концертната програма се и MDX, диџеј-проектот на Andy Maddocks, како и македонскиот музичар Александар Ордев.

Од „ROTK books&music“ најавуваат дека една од особеностите на настапите на Autechre е тоа што концертите се одвиваат во целосен мрак и според посебен безбедносен протокол. На тој начин вниманието на публиката е насочено исклучиво кон звукот.

Autechre важат за едни од влијателните имиња на современата експериментална електронска музика. Дуото од Манчестер е активно од почетокот на 1990-тите и зад себе има повеќе од три децении музичка кариера и бројни изданија, со значително влијание врз развојот на електронската и IDM-сцената.

Настапот во Скопје е дел од нивната концертна агенда за 2026 година, по распродадената турнеја во 2025 година и серијата концерти низ Европа и Јапонија.