Случај „Пулс“

Јованов на распит за притворот, Обвинителството бара да се одбие гаранцијата

02.10.2026 11:18

Сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов- Деко, денеска беше спроведен во скопскиот Кривичен суд на распит. Против него е отворена нова истрага за давање поткуп, а Обвинителството побара притвор и во овој предмет.

Обвинителскиот тим во предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани достави негативно мислење и побара од Судот да го одбие како неоснован предлогот за гаранција од 195.820 евра за првообвинетиот Дејан Јованов.

Од Обвинителството посочуваат дека дел од недвижниот имот понуден како гаранција е веќе предмет на извршување и не може да биде ставен под хипотека. Дополнително, најголем дел од имотот, според обвинителството, се помошни простории и објекти кои претходно биле бесправно изградени, поради што тешко би можеле да се впаричат во проценетата вредност.

На Јованов му истекува едногодишниот притвор утре, што е законскиот максимум од денот на оценување на обвинението. Во меѓувреме, против него е отворена нова истрага за давање поткуп, а Обвинителството побара притвор и во овој предмет. За предлогот денеска одлучува Основниот кривичен суд Скопје.

Случајот за пожарот во „Пулс“ е во доказна постапка. Во трагедијата на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.