Македонија

Македонскиот КИЦ во Загреб ја отвора новата галериска и концертна сезона

02.10.2026 20:32

Со изложбата „Дисциплина на скратениот траг“ на Евгениј Пантев и концертен настап на Ристо Ѓоревски и Елена Атанасовска-Ивановска, на 5 октомври започнува новата сезона во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб.

Новата галериска и концертна сезона во Македонскиот КИЦ во Загреб започнува во понеделник, 5 октомври, во 19 часот, со изложба на Евгениј Пантев и концерт на Ристо Ѓоревски и Елена Атанасовска-Ивановска.

Изложбата „Дисциплина на скратениот траг“ е самостојна графичка поставка на Пантев, со дела создадени во техника на длабок печат. Преку изложбата пред хрватската публика ќе биде претставен современиот македонски визуелен израз и специфичниот технички пристап на авторот.

По отворањето на изложбата ќе следи рецитал за кларинет и клавир. Кларинетистот Ристо Ѓоревски и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска ќе изведат дела од светската и македонската класична музика.

Програмата ги поврзува класичните композиции со творештвото на македонски автори, како и со елементи од етномузиката и мотиви од македонскиот фолклор.

Проектот е дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб, со поддршка на Министерството за култура и туризам.