Економија

Стопанската комора добитник на ISAR HONOURS 2026 на UNCTAD

02.10.2026 13:28

Признанието е доделено за активностите на Комората во подигањето на свесноста и примената на меѓународните стандарди за одржливост и известување за целите за одржлив развој кај приватниот сектор.

Стопанската комора е добитник на наградата ISAR HONOURS 2026 на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој – UNCTAD. Според Комората, таа ги поминала сите филтри во процесот на одлучување и е избрана преку гласање за наградата.

Признанието е наменето за зголемување на свесноста и промовирање на размената на најдобрите меѓународни практики во областа на одржливоста и известувањето за целите за одржлив развој, како дел од корпоративното нефинансиско известување на компаниите.

Наградата е воведена во 2018 година, а досега биле номинирани околу 450 иницијативи од повеќе од 60 земји, од шест географски региони.

Од Комората наведуваат дека во изминатиот период реализирале повеќе активности поврзани со одржливите практики во компаниите, меѓу кои Водичот за декарбонизација, изработен со поддршка на Европската инвестициска банка, формирањето Центар за циркуларна економија, како и промовирањето на ESG и ISO стандардите и водичот за CBAM.

Од Комората посочуваат и дека во изминатиот период добиле повеќе меѓународни признанија, меѓу кои Орденот на заслуги за Комората, како и признание за претседателот Азески од претседателот на државата по повод сто години коморско делување.