Економија

„Арчелор Митал“ токми нови инвестиции во Македонија!

02.10.2014 16:40

Компанијата во земјава досега инвестираше 17 милиони евра. Отвори 500 директни и уште 2.000 индиректни работни места. Во тесна соработка со техничките универзитети создаваат квалификуван кадар кој потоа се вклучува во процесот на производство...

Арчелор Митал крои нови инвестициски планови за земјава. Индустрискиот гигант, кој е во првата петорка најголеми извозници од Македонија, најавува зајакнување на врските со локалните компании.

„Среќни сме што сме во Македонија, бидејќи тука има добра правна рамка која ги поддржуваа нашите активности.  Планираме да продолжиме да го развиваме нашиот бизнис. Имаме подготвено повеќе инвестициски  планови за во блиска иднина, бидејќи сакаме да соработуваме и со локалните компании, од земјава и од регионот, што и ним ќе им помогне да го развијат бизнисот“, изјави за МРТ Бруно Рибо, главен извршен директор за Македонија и Романија.

Компанијата во земјава досега инвестираше 17 милиони евра. Отвори 500 директни и уште 2.000 индиректни работни места. Во тесна соработка со техничките универзитети создаваат квалификуван кадар кој потоа се вклучува во процесот на производство. Дел од кандидатите ги поседуваат потребните вештини, дел се дообучуваат.

„Во моментов, околу 15 студенти се обучуиваат кај  нас,учат за бизнисот и се запознаваат со процесот на работа. Дел од нив веќе и ги вработивме во изминатиов период“, вели Хуан Педро Хименез, главен извршен директор на компанијата во Скопје.

Сепак, состојбите не се сјајни. Оваа индустрија бавно закрепнува од кризата, по која  компаниите се соочија со пад на цените на металите, намалената побарувачка, зголемените трошоци за производство. Конкуренцијата од Далечниот Исток стана пожестока, па од Митал бараат, во соработка со Владата, да креираат антидампинг мерки кои ќе го олабават притисокот врз домашните компании.

„Ние имаме потреба да ги намалиме трошоците за производтво, а за да го сториме тоа потребна ни е поволна цена на енергијата. Зошто го говорам ова? Ќе ви дадам пример. Арчелор Митал во Скопје плаќа двојно повисока цена за гасот, споредено со конкурентите кои се лоцирани надвор од Македонија, а сепак во рамките на регионот“, вели Рибо.

Околу 90 проценти од производството на Митал во земјава оди за извоз, па компанијата будно ги следи случувањата во светската економија. Арчелор Митал придонесува со околу 98 милиони евра во домашниот БДП, а компанијата е меѓу петте водечки извозници од нашата земја.

 

Мартин Пушевски