Газдата на „Пулс“ останува во притвор
Дејан Јованов, газдата на „Пулс“ останува во притвор. Овој пат мерката ќе ја издржува во затворот во Шутка. Ден пред да му истече едногодишниот притвор за случајот „Пулс“, Кривичен го прифати барањето на Обвинителството му одреди нови 30 дена зад решетки за друг предмет- давање поткуп за да добие лиценца за работа на клубот.

Газдата на „Пулс“, Дејан Јованов останува во притвор, но ќе смени адреса. Наместо во кумановскиот, мерката ќе ја издржува во затворот во Шутка. Ден пред да излезе на слобода, Кривичен му изрече нови 30 дена зад решетки. Овој пат за друго дело, за давање поткуп, откако обвинителството за него отвори нова истрага, под сомнение дека потплатил во Министерството за економија за да добие лиценца за работа на клубот.
„Притворот е определен поради постоење на основите предвидени во член 165 од Законот за кривичната постапка (ЗКП), односно поради постоење опасност осомничениот да се даде во бегство, како и поради основан страв дека може да ја попречува истрагата со влијание врз сведоци. Мерката притвор започнува да се извршува од 3.10.2026 година, имајќи предвид дека лицето во моментот веќе издржува мерка притвор во предметот поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“, соопшти Кривичниот суд.
Одбраната смета дека притворот е конструкција, со цел на Јованов по секоја цена да не му се дозволи да се брани од слобода.
Јованов понудил и 195 илјади евра недвижен имот, како гаранција дека нема да бега, но обвинителството аргументирало дека тој имот освен што е дивоградба, не може да се стави под хипотека бидејќи е предмет на извршување.
„Понудените недвижности во голем дел се состојат од помошни простории, објекти, шупи, плевна, а кои претходно биле бесправни објекти и тој имот, при евентуална потреба, исклучително тешко ќе може да биде паричен, а секако не во висина на износот на кој е проценет“, велат од Обвинителството.
Одбраната најави жалба.
Анита Димитријевска-Велковска
