Влада

Мицкоски: Очекуваме ЕУ да се вклучи во процесот и да помогне за одржливо европско решение

02.10.2026 14:02

Премиерот Христијан Мицкоски на средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побара посилна политичка поддршка од европските институции и вклучување на ЕУ во процесот со Бугарија. Тој порача дека земјата сака фер процес заснован на јасни правила и без нови билатерални условувања.

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека европската определба на земјата останува непроменета, но дека процесот треба да добие посилна политичка поддршка од европските институции.

Мицкоски на заедничката прес-конференција оцени дека разговорите биле отворени и содржајни, со фокус на реформите, динамиката на пристапниот процес и предизвиците во односите со Бугарија.

Тој посочи дека земјата сака овие прашања да се надминуваат преку дијалог, добра волја и заемно почитување, а од ЕУ очекува да биде вклучена во процесот.

Мицкоски нагласи дека не се бара Унијата да заземе страна, туку да помогне во создавањето услови за одржливо европско решение, во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите и пристапниот процес нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања.

Според него, секое решение треба да обезбеди со исполнувањето на преземените обврски да се затвори една фаза и да се отвори патот кон следната, без нови толкувања и дополнителни барања.

Премиерот ја потврди определбата за членство во Европската Унија и посочи дека продолжуваат реформите во владеењето на правото, јавната администрација, деловната клима, дигитализацијата и образованието.

Тој нагласи дека реформската агенда во рамките на Планот за раст веќе дава резултати и дека позитивната оценка од Европската комисија овозможила понатамошно користење на средствата од овој план.

Мицкоски посочи и дека европската интеграција треба да биде видлива за граѓаните и пред формалното членство, преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, инфраструктурна поврзаност и инвестиции.

Во тој контекст, тој ја истакна постепената интеграција како важен дел од процесот, а Коридорот 8 го посочи како пример за тоа како европската интеграција може да се претвори во конкретна инфраструктурна и економска поврзаност.

Премиерот оцени дека денешната средба е чекор кон поголема доверба, поотворен дијалог и поконкретна соработка со Европската Унија, со цел процесот да продолжи напред и да создава конкретни резултати.