Кривичен Суд

Ново рочиште за случајот „Државна лотарија“

02.10.2026 18:00

Во Кривичниот суд, ново рочиште за случајот со Државна лотарија. Сведочеше директор за игри на среќа, кој застана во одбрана на Груби и Бајрами. Обвинителството побара да биде третиран како „непријателски сведок“ и да биде дозволено вкрстено испрашување...

Друштвото ВЛТ работеше две години и требаше да приредува електронски игри. Набави терминали, но автентичното толкување на законот не дозволи да почне да работи и да се пуштат во употреба – ова е дел од исказот на сведокот Владо Петковски, директор на секторот „Игри на среќа“ во случајот „Државна лотарија“, во кој меѓу осуммината обвинети се и поранешниот вицепремиер Груби и поранешниот директор на „Државна лотарија“ Бајрами.

Петковски лично учествувал во подготовка и реализација на јавната набавка. Обвинителството побара да биде третиран како „непријателски сведок“ и да биде дозволено вкрстено испрашување бидејќи денешниот исказ бил сосема поразличен од она што Петковски го кажал во текот на истрагата како осомничен.

На денешното рочиште позитивно го оцени работењето на Бајрами. Сведокот истакна дека во тој период имало повеќе проекти со цел раст на профитот како „Ново ВЛТ“, платформата „Мегавин.мк“, самостојното приредување електронски игри на среќа и формирањето три интернет-друштва со приватни партнери.

Обвинителството презентираше 231 материјален доказ. Во овој случај, за време на истрагата, првичното дело „Проневера“ беше преквалификувано во „Злоупотреба на службената положба“, бидејќи истрагата не обезбедила доволно докази за проневера. За ова дело е предвидена казна од една до пет години затвор.

Александар Велинова