Жителите од селото Шупли Камен на протест против експлоатација на песок
Жители на кумановско Шупли Камен излегоа на протест, изразувајќи незадоволство поради експлоатација на песок од Пчиња. Укажуваат, коритото е уништено и вдлабнато. Стравуваат ќе останат без вода. Досега имало и четири трагични настани. На терен увид изврши и инспекторатот за животна средина.

Жителите од кумановското село Шупли Камен на протест. Реагираат на експлоатација на песок од речното корито на Пчиња. Појаснуваат речното корито е уништено и вдлабнато. Стравуваат дека ќе останат без вода. Нивото во бунарите е намалено, а не ги наводнуваат ниту нивите.
„Ни ја узурпираат реката, вршат експлоатација и не оставаат без вода, животно сме загрозени. Се работи за човечки животи, опасно за живеење, и затоа сме на мирен протест“, истакна претседателот на месната заедница, Гоце Станковски.
„За месното население доколку продолжи оваа експлоатација на песок значи умирачка, и за живиот свет и за народот и за селото, 200 куќи имаме овде. Доколку црпат уште метар-два да го намалат нивото на речното корито, по автоматизам водата ќе се повлече и ќе снемаме цело село вода“, дополни друг жител.
Мештаните укажуваат на некои места коритото е длабоко над пет метри. Досега имало четири несакани настани. Потсетуваат во 2019-та била издадена забрана за работа.
„Месното население нема потреба од уредување на речното корито ние сме задоволни, ова се експлоатираше уште пред 6-7 години, имаше и смртни случаи од такви причини, селото остана без вода, нивите“, нагласи друг.
На терен излезе државниот инспекторат за животна средина. Потврдија компанијата има дозвола издадена од Министерството за уредување на речното корито.
„Операторот има дозвола, носител е Водостопанство, а тие ја имаат предадено на приватен стопанственик да ја работи делницата. Тука сме да ги заштитиме граѓаните доколку има непочитување, во моментов утврдуваме дека има дозвола и од наша страна не се утврдени неправилности“, истакнаа од Државниот инспекторат за животна средина.
Жителите најавија блокадата ќе трае секој ден, сè додека не се слушне нивниот проблем.
Елена Георгиевска
