Фон дер Лајен: Северна Македонија има место на масата во ЕУ, останува уште еден клучен чекор
Фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата, истакна дека Северна Македонија постигнала значителен напредок во рамките на Планот за раст, за што досега добила 140 милиони евра, а дополнителни исплати се очекуваат во следните недели.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека Европската Унија е решена да ја внесе Северна Македонија во своето членство, нагласувајќи дека земјата треба да го направи преостанатиот клучен чекор за отворање на првиот кластер во пристапните преговори.
Фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата, истакна дека Северна Македонија постигнала значителен напредок во рамките на Планот за раст, за што досега добила 140 милиони евра, а дополнителни исплати се очекуваат во следните недели.
Таа потсети дека пристапните преговори започнале во 2022 година, а скрининг процесот бил завршен за помалку од една година. Според неа, сега е потребен уште еден клучен чекор за да може да се отвори првиот кластер – „Основи“.
Фон дер Лајен нагласи дека Европската Унија ќе ѝ посака добредојде на Северна Македонија „со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик“, додавајќи дека македонската култура и јазик можат да ја збогатат Унијата.
Таа го посочи и Преспанскиот договор како пример за политичка храброст и потсети дека договорот го отвори патот за членството на Северна Македонија во НАТО. Воедно, ја истакна и соработката со земјата во областа на безбедноста и одбраната.
Во однос на Планот за раст, Фон дер Лајен ги посочи реформите што овозможуваат постепено приближување на економијата кон единствениот европски пазар. Како конкретни придобивки ги наведе приклучувањето кон СЕПА, намалувањето на надоместоците за одредени трансакции и разговорите за намалување на трошоците за роаминг.
Како пример за постепената интеграција го посочи и центарот „Везилка“, преку кој, како што рече, новите компании ќе добијат пристап до европски суперкомпјутер за развој и обучување модели на вештачка интелигенција.
Фон дер Лајен порача дека проширувањето е двонасочен процес – земјите кандидати треба да бидат подготвени за членство, но и Европската Унија треба да се подготви за прием на нови членки.
„Европа ќе остане покрај вас затоа што ние сакаме да ги внесеме луѓето на Северна Македонија во ЕУ. Ова е нешто за што сме решени“, порача претседателката на Европската комисија.
