Климатски промени

Пчеларите годинава останаа без мед

03.10.2026 12:07

Годинава мед, но само за пчелите да преживеат. Пчеларите останаа со празни раце. Климатските промени си го прават своето. Иста состојбата во сите региони. Пчеларите сè уште се соочуваат и со нелојална конкуренција. Дополнително им доцнат и субвенциите.

Една од најлошите пчеларски години во последните две децении. Неповолните временски услови ги оставија пчеларите без мед. Годинава речиси и немало што да извадат од кошниците. Малиот дел го оставиле на пчелите.

„Врнеше многу, потоа многу ветер, кога медеа билките, багрем, драка, ливада, оваа година е многу лоша ништо не ни се погоди за медење“, истакна Јовица Крстевски пчелар од кумановско.

„37 кошници имам извадено 180 килограми мед, во 2025 имам изведено 800 килограми мед. Природата си го направи своето“, нагласи Тони Димитриевски, пчелар Куманово.

„Дали има од 2-5 кила, пред некоја година беше 10-15 килограми, сега е намалено сосема на нула, но ќе гледаме првин тие да преживеат, потоа ние“, дополни Горан Арсовски, пчелар.

Состојбата иста во сите региони во земјава.

„Климатските промени, за жал немаме и доволно стока да може да ја мине пашата да пасе, да се обновува и да имаме нови цветови“, нагласи Снежана Панчева, пчеларско здружение Радовиш.

Но, освен со климатските промени, пчеларите се борат и со нелојалната конкуренција. Дополнително доцнат и субвенциите.

„Од маркети по 300 денари мед, тоа се направени од шеќер, дури и му штетиме на својот организам ако ги купиме“, истакна Игор Ангеловски, пчелар кумановско.

„Немаме субвенции, кога најмногу ни беа потребни немаме никаква поддршка“, дополни Кристина Стојчевска здружение „Пчела“ Крива Паланка.

„Субвенциите доцнат прилично, обично ни ги исплаќаат на крајот до нова година“, истакна Часлав Ристовски, пчелар кумановско.

Сепак и покрај состојбата цената на мед останува иста, 600 денари. На саемот „Денови на мед“ кој традиционално го организира здружението „Пчела“, пчеларите на штандовите понудија залихи од минатите сезони. Но, остануваат оптимисти и се надеваат на подобри сезони.

Елена Георгиевска