Средношколските протести ја блокираа Франција
Стотици средни училишта низ Франција и натаму се во блокада. Протестот на учениците кој почна со барања за подобри услови за образование, прерасна во насилство и судири на улиците. Француското МВР објави дека илјадници луѓе биле приведени, а стотици се повредени за време на насилните демонстрации. Дел од учениците обвинуваат дека непознати лица ги предизвикуваат немирите.

Стотици средни училишта низ Франција и натаму се блокирани. Средношколскиот протест кој почна со барања за подобри услови за образование, прерасна во насилни инциденти, пожари, уништување имот и судири со полицијата во повеќе делови од земјата, вклучително и во главниот град. Повредени се најмалку 65 вработени во образованието, меѓу кои 40 директори на училишта, како и 170 ученици.
„Овде има млади луѓе кои не учат во нашето училиште или не се од нашето соседство. Доаѓаат со петарди. Воопшто не го сакаме тоа. Ние само сакаме да протестираме за нашите права и за нашата иднина. Тие само не саботираат“, вели еден локален жител.
„Свесна сум дека насилство се случува и во други средни училишта. Тоа не е она што го сакаме, насилството нема да и помогне на нашата кауза. Нема да не слушнат ако почнеме да правиме нереди. Напротив, сакаме да бидеме слушнати“, додава друг.
Изминатата недела движењето се прошири низ целата земја и стана едно од најголемите средношколски протести во Франција во последните неколку децении. Францускиот министер за внатрешни работи, обвини дека крајната левица ги охрабрила средношколците да ги блокираат училиштата и да мобилизирала крајно левичарски групи, вклучително и студентски здруженија за да предизвикаат немири.
„Видовме и насилство во урбани средини пред или во близина на 158 училишта. Фрлање предмети кон полицајци и наставници – кои понекогаш беа цел на напади – како и кон новинари, па дури и кон минувачи. Безбедносните сили интервенираат за да стават крај на ова насилство. Такви се упатствата што ги давам. Не постои друг начин на дејствување“, изјави Лоран Нуњез, министер за внатрешни работи на Франција.
Француското МВР нотира дека во петокот биле приведени 1.747 лица, а откако е почнат протестот во еден ден биле повредени 305 полицајци. Од друга страна, синдикатите и дел од учесниците на протестите го критикуваат постапувањето на полицијата и предупредуваат на случаи во кои биле повредени малолетници.
Маријана Димовска
