Македонија

31 година по атентатот врз Глигоров делото е застарено, а виновниците не се откриени

03.10.2026 17:23

Триесет и една година од атентатот врз првиот претседател Киро Глигоров. И по повеќе од три децении, извршителите и нарачателите остануваат непознати, а случајот е застарен. Кои мотиви и детали за нападот ги открива новата книга „Скопскиот атентат?

Трети октомври 95-тата. Девет часот и педесет минути силна експлозија на автомобил бомба ги вознемирува скопјани. Атентат врз претседателот на самостојна Македонија, Киро Глигоров. Тој е повреден, како и неговиот телохранител и двајца случајни минувачи. Шоферот на претседателот загинува, а подоцна од повредите починува уште едно лице. Целта не е постигната.

31 година по атентатот, делото е застарено, а виновниците не се откриени. Претпоставките остануваат. Поранешниот инспектор во безбедносните служби и заменик министер, Зоран Доревски, промовирајќи ја својата книга „Скопскиот атентат“ вели: Глигоров со мирното отцепување и јасното вртење кон запад и НАТО ја наруши рамнотежата на Балканот.

Во старото „АМИ 8“ складирани биле 20 килограми експлозив и песок да ја насочи експлозијата кон претседателскиот автомобил. Според целокупната изведба, со атентатот се сакала целосна егзекуција на претседателот, вели Доревски.

Претседателот Киро Глигоров по неколку месеци од атентатот се врати на претседателските обврски. Почина во 2012-та на 94-годишна возраст.

Миле А. Ристески