Мицкоски незадоволен од пораките на фон дер Лајен за уставните измени
Содржајна, но со поделени импресии - вака премиерот Мицкоски ја оцени средбата со претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен. Иако е охрабрен од пофалбите за реформите и постепената интеграција, тој не го скри незадоволството од пораките за уставните измени. Мицкоски потврди дека по совет од Фон дер Лајен е побарана билатерална средба со Бугарија за Коридорот 8...

Од официјална Софија молк на барањето за билатералната средба на министрите за надворешни работи на Бугарија и на Македонија која би требало да се одржи на маргините на самитот за Коридорот 8, информираше премиерот Мицкоски. Тој потврди дека оваа иницијативата била предложена од Фон дер Лаен.
Мицкоски како пријателска и корисна ја оцени средбата со претседателката на Европската комисија, за која рече, дека ќе биде клучна за идните процеси кои ќе почнат следната недела. Но, од друга страна пак вели оти не е задоволен од пораките коишто ги испратила претседателката за промените на Уставот.
Според Мицкоски, пораките од Фон дер Лајен сепак создаваат чувство на охрабрување, особено за личниот ангажман на Владата во делот на реформската агенда. За претседателот на Владата ова е охрабрување и мотивација да се продолжи по патот на реформите во периодот којшто следи. Најави оти ќе се засилуваат активностите во Брисел.
Во ноември ќе оствари средби со еврокомесарката за проширување и ќе присуствува на самитот посветен на Западниот Балкан.
Викторија Милевска
