Ексклузивно: Рамстор со нов лик и нов концепт на работа
Се планира да се отворат нови работни места. Градежните работи ќе ги изведуваат македонски компании...

Модерен лик, луксузни кафулиња, ресторани, игротека. Трговскиот центар Рамстор за неколкум месеци ќе доживее целосна трансформација. Директорот Џеладин Џули ексклузивно за МТВ го претстави новиот изглед. Почнаа градежните работи. Ќе се модернизира и најмалиот детаљ. Новиот лик ќе донесе и нов концепт на работа.
„Од плочките до таванот, до осветлувањето, до влезните врати, целосно ќе се смени. Добро познатиот дел за брза храна на Рамстор ќе добие убава тераса, исто така на горниот кат ќе имаме луксузни помодерни ресторани и кафулиња. Не ги заборавивме ни најмладите, ќе имаме доста модерна игротека во рамките на трговскиот центар“, изјави за МРТ, Џеладин Џули, иректор на трговскиот центар.
Задоволството на потрошувачите за првиот човек на трговскиот центар е врвен приоритет. Ќе има забава за целото семејство, пазарувањето ќе биде позабавно за сите. Зависниците од шопинг ќе добијат нови модни брендови кои за првпат ќе се појават на македонскиот пазар.
Се планира да се отворат нови работни места. Градежните работи ќе ги изведуваат македонски компании. Рамстор почна со еден супермакеркет и еден трговски центар. Денес има над 14 низ целава земја, а до крајот на годината ќе се отворат уште 2.
Експанзијата нема да застане тука. Догодина ќе се отвораат нови 10 Рамстор супермаркети.
Mодернизацијата на Трговскиот центар Рамстор треба да заврши за три месеци, а целата инвестиција е околу 2 милиони евра. Првиот Рамстор беше отворен во 2005 година.
Викторија Тодоровска
