Најбараната претстава „Пинокио“ меѓу две гостувања се изведува и на домашната сцена во Битола
Наредниот период за претставата „Пинокио“ на НУ Народен театар - Битола носи нови средби, емоции и театарски вечери, со изведби на домашната сцена, но и со гостувања.

Првото гостување е на 8 октомври, со изведби од 12:00 и од 17:00 часот, во НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ - Штип, како дел од 14. Театарски фестивал за деца и млади „Малиот принц“. Второто гостување е на 14 октомври во Скопје, како дел од 5. ИФДТ „Игор Маџиров“.
Помеѓу двете гостувања, претставата ќе биде изведена и на домашната сцена во Битолскиот театар, на 10 октомври, со почеток во 18:00 часот.
Некои приказни се забораваат, но чувството што го носат останува засекогаш. Детството е исполнето со мали, но бесценети моменти, а меѓу најубавите се оние што децата ги споделуваат со своите родители. Заедничкото одење во театар е многу повеќе од обично излегување - тоа е време посветено едни на други, можност за заедничко доживување, смеа, разговор и создавање спомени што ќе се раскажуваат и кога децата ќе пораснат.
Театарот ја отвора вратата кон светот на фантазијата, ги буди љубопитноста и емпатијата, а секоја приказна остава по некоја мала, но важна порака во детското срце. Токму затоа, најубаво е кога тие доживувања се споделени со оние што им значат најмногу.
Оваа сабота дозволете си еден таков семеен миг со „Пинокио“ - приказна за љубовта, искреноста, пријателството и патувањето низ кое растеме и учиме. Однесете ги децата во театар. Подарете им доживување, а заедно создајте спомен што ќе го чуваат како едно од најубавите богатства од своето детство. Затоа што највредните подароци не се оние што се завиткани во хартија, туку оние што засекогаш остануваат во срцето.
Една од најпознатите и најсаканите приказни за деца, за дрвеното момче кое сонува да стане вистинско дете, нè води низ свет исполнет со авантури, искушенија, пријателства и необични ликови.
Претставата, по текст на Карло Колоди, е во режија и драматизација на Деан Дамјановски. Композитор е Марјан Неќак, сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски, а изработката на маските е на Сара Милевска.
Играат: Никола Стефанов, Валентина Грамосли, Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска и Александар Димитровски.
Во претставата учествуваат и ученици од Театарската школа „Бабец“: Ана Анѓелевска, Марија Јовев, Стефан Доневски, Матеа Василевска, Лина Трампевска, Николина Јанкоска, Ана-Марија Каранфиловска, Андријана Мемет, Војдан Мавровски, Николај Илијевски и Каја Крстевска.
