„Турандот“ на Пучини на 9 октомври на сцената на Националната опера и балет
Операта „Турандот“ од Џакомо Пучини на 9 октомври ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет. Со претставата ќе диригира Џанлука Мартиненги, а режијата, сценографијата и костимографијата се на италијанскиот режисер Џанкарло дел Монако.

Националната опера и балет на 9 октомври, со почеток во 20 часот, ќе ја изведе операта „Турандот“ од Џакомо Пучини – едно од најпознатите дела во оперскиот репертоар, препознатливо по грандиозната музика, драматичната приказна и вокалните моменти.
Со изведбата ќе диригира Џанлука Мартиненги од Италија, додека режијата, сценографијата и костимографијата се на италијанскиот режисер Џанкарло дел Монако. Кореографијата е на Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Во насловната улога на принцезата Турандот ќе настапи Николина Јаневска, додека Калаф ќе го толкува гостинскиот тенор од Кина, Ѕ-Жао Гуо. Во улогата на Лиу ќе настапи Биљана Јосифов, а Тимур ќе го толкува Игор Дуловски.
Во останатите улоги ќе настапат Драган Ампов, Никола Стојчевски, Јане Дунимаглоски, Диме Петров и Марјан Николовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Турандот“ е опера во три чина, со либрето на Џузепе Адами и Ренато Симони, според адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини починал пред да ја заврши операта, која подоцна ја довршил Франко Алфано.
Делото се одликува со иновативна употреба на хорот и оркестарот, како и со широки и експресивни мелодии. Меѓу најпознатите моменти е тенорската арија „Nessun dorma“, една од најпрепознатливите арии во оперската литература.
