Шпанија оди на предвремени избори
Шпанскиот премиер Педро Санчез не успеа да го истера мандатот докрај, распиша вонредни парламентарни избори. Притисокот врз малцинската влада на Санчез се зголеми поради зголемените трошоци за домување, штетите од поплавите, миграциските тензии во Сеута и корупциски скандали

Шпанскиот премиер Педро Санчез не успеа да го истера мандатот докрај и распиша вонредни парламентарни избори што ќе се одржат на 29-ти ноември. Притисокот врз малцинската влада на Санчез се зголеми поради зголемените трошоци за домување, штетите од поплавите, миграциските тензии во Сеута и корупциски скандали поврзани со неговото политичкото окружување.
„Народот на Шпанија мора да одлучи каква улога сака да одигра во сето ова, како и каква улога сака да одигра Шпанија. Дали сакате да се приклучите на тој бран на крајната десница што води кон назадување секаде каде што владее, или сакате Шпанија да остане бастион на отвореност, социјална правда и еколошка одговорност? Дали сакате нашата земја да оди наназад или да продолжи да се движи напред?“, изјави Педро Санчез, премиер на Шпанија.
Пресуден за Владата во Мадрид беше и фактот што изминатата недела не успеа да го протурка пакетот-мерки за домување и покрај масовните протести поради високите кирии и трошоци за живот.
„Борбата мора да продолжи, без оглед на тоа кој е на власт. Ниту сегашната партија не покажа некоја посебна посветеност кон решавањето на станбеното прашање. Токму затоа и дојдовме до оваа ситуација“, рече еден граѓанин.
„Сакаме да видиме напредок, да се случи нешто, некој да преземе акција за подобрување на станбената ситуација“, рече друг.
„Постарите лица кои немаат сопствен дом се соочуваат со големи тешкотии. Најчесто, тие го дочекуваат крајот на месецот без пари, па на крајот се исфрлени директно на улица“, додава трет.
Домувањето се повеќе станува привилегија на побогатите граѓани на Европската Унија. Според ЕВРОСТАТ, само во вториот квартал од 2026 година цените на куќите во ЕУ пораснале за 4,7 насто, додека кириите се зголемиле за три проценти во споредба со вториот квартал од 2025 година. Најголем пораст на цените на недвижностите е забележан во Бугарија, Португалија и Литванија. Спротивно на тоа, Финска и Франција се единствените земји каде што е забележан пад.
Маријана Димовска
