Извозот во првите осум месеци зголемен за 8,8 отсто, увозот за 8 отсто
Извозот и увозот на стоки бележат раст во периодот јануари – август 2026 година во однос на истиот период лани. Најголем дел од надворешнотрговската размена е со земјите од Европската Унија, кои учествуваат со 58,5 отсто.

Вкупната вредност на извозот на стоки од земјава во периодот јануари – август 2026 година изнесува 353,7 милијарди денари, што е пораст од 8,8 отсто во однос на истиот период минатата година, информира Државниот завод за статистика.
Вредноста на увезената стока изнесува 502,6 милијарди денари и е зголемена за 8 отсто.
Во извозот најголемо учество имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и други катализатори на носачи.
Во увозот најзастапени се нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, платината и легурите на платина, другите метали од платинската група и нивните легури, како и други моторни возила за превоз на лица.
Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, во првите осум месеци најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија. Овие пет земји учествуваат со 49,7 отсто во вкупната размена.
Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 58,5 отсто во вкупната надворешнотрговска размена.
Изразено во евра, извозот во периодот јануари – август изнесува 5,7 милијарди евра, што е раст од 8,7 отсто, додека увозот достигнува 8,1 милијарди евра, или 7,9 отсто повеќе во однос на истиот период лани.
