РКЕ со нова одлука

Пониска цена на горивата од полноќ

05.10.2026 12:47

Од ноќеска на полноќ се намалуваат максималните малопродажни цени на нафтените деривати. Еуросупер БС-95 ќе се продава најмногу за 98,50 денари, Еуросупер БС-98 за 100,50, а дизелот за 97 денари за литар.

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,85 отсто во однос на претходната одлука од 28 септември.

Од полноќ максималната цена на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 98,50 денари за литар, што е намалување за 1,50 денар. Еуросупер БС-98 ќе се продава најмногу за 100,50 денари за литар, исто така за 1,50 денар поевтино.

Цената на Еуродизел ќе се намали за 3 денари и ќе изнесува 97 денари за литар. За 3 денари се намалува и цената на екстра лесното масло за домаќинство, кое ќе чини 108,50 денари за литар.

Мазутот М-1 НС поевтинува за 0,285 денари и неговата максимална цена ќе изнесува 49,597 денари за килограм.

Од РКЕ посочуваат дека при формирањето на цените е применета владината одлука за намален ДДВ за Еуродизел на 10 отсто, како и намалениот износ на акцизата за 4 денари за литар кај бензините Еуросупер БС-95 и БС-98 и кај Еуродизелот.

Намалувањето на цените следува по падот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Според РКЕ, бензините поевтиниле во просек за 2,885 отсто, дизелот за 4,770 отсто, а екстра лесното масло за 4,384 отсто.

РКЕ нагласува дека утврдените цени се максимални, а трговците на големо и мало можат да формираат и пониски цени.