Македонија

Средба Муцунски – Хамилтон: Во фокусот регионалната стабилност и безбедноста

05.10.2026 15:27

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска во Скопје се сретна со заменик-помошникот на генералниот секретар на НАТО за партнерства, амбасадорот Кевин Хамилтон. На средбата биле разменети мислења за состојбите во Западен Балкан, регионалната соработка и безбедносните предизвици.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска во Скопје оствари средба со заменик-помошникот на генералниот секретар на НАТО за партнерства, амбасадорот Кевин Хамилтон, кој престојува во еднодневна работна посета на Северна Македонија.

Како што објави Муцунски, на средбата биле разменети мислења и информации за актуелните состојби во Западен Балкан, регионалната соработка и безбедносните предизвици со кои се соочува регионот, како и за улогата и активностите на НАТО, имајќи го предвид стратешкото значење на регионот за Алијансата.

Муцунски го нагласил придонесот на Северна Македонија во Алијансата и во регионалните иницијативи, како и заедничкиот интерес за стабилноста и безбедноста на регионот и пошироко.

Според него, средбата и посетата на амбасадорот Хамилтон се можност за натамошно продлабочување на дијалогот со НАТО и размена на мислења за прашања од заемен интерес, со посебен акцент на регионалната стабилност, безбедноста и практичната соработка.