Од 15 октомври почнува грејната сезона во Скопје
Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2026/2027 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје со кој управува АД ЕСМ. Граѓаните се повикуваат навреме да ги завршат поправките на внатрешните грејни инсталации и да ги исполнат условите за непречена испорака на топлинска енергија.

Грејната сезона 2026/2027 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје со кој управува АД ЕСМ официјално започнува на 15 октомври.
Согласно регулативата, грејната сезона може да започне и порано, во периодот од 1 до 15 октомври, доколку прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден изнесува 12 степени Целзиусови или пониско, според податоците од УХМР.
До 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавуваат информации за тоа дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија.
Од ЕСМ ги повикуваат потрошувачите навреме да ги завршат потребните поправки на внатрешните грејни инсталации, за кои се одговорни самите корисници, и завршените интервенции да ги пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
За непречено функционирање на системот потребно е да се обезбеди пристап до топлинските потстаници, како и редовно електрично напојување. Од ЕСМ апелираат заедниците на сопственици навремено да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници и да проверат дали електричните инсталации се функционални.
Потрошувачите можат да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот на објекти без услови за испорака на топлина на веб-страницата на ЕСМ Снабдување.
