Политика

Скопје чека одговор од Софија за средба - власта и опозицијата со различни очекувања

05.10.2026 16:44

Посетата на Фон дер Лајен не мотивира поинтензивно да продолжиме по патот на реформите, порачува премиерот Мицкоски. Скопје сè уште чека потврда од Софија за средбата меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија, Муцунски и Петрова – Чамова. И додека Мицкоски се надева на интензивирање на процесот за изнаоѓање решение за ситуацијата во којашто се наоѓаме, лидерот на СДСМ, Филипче категоричен – состанокот е само изговор и нема да донесе ништо ново.

Во очекување на средбата меѓу македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова во Софија, власта и опозицијата на различни позиции за можниот исход и за евроинтегративниот процес. Премиерот Мицкоски вели, со претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен имавме содржаен состанок којшто е мотив да се продолжи со реформите, но и со напорите за изнаоѓање решение за ситуацијата.

Првиот социјалдемократ Филипче, пак, од средбата во Софија меѓу министрите за надворешни не очекува ништо. Вели, досега барем 10-тина средби требало да се остварат, а власта се што прави го прави како изговор. Тој смета дека Фон дер Лајен потврдила оти европскиот пат на Македонија не го загрозува ниту идентитетот, ниту јазикот.

И додека евроинтегративниот пат на земјава е тема за напади едни кон други, и од власта и од опозицијата резервирани околу моментот на предвремени избори. Го чекаат другиот да ги побара.

Миле А. Ристески