Зголемен број пациенти кај матичните, сезоната на грип сè уште не започнала
Зголемена е фреквенцијата на пациенти во ординациите на матичните лекари поради бактериски и вирусни инфекции, но за грипот е сè уште рано. Додека граѓаните, особено оние со кревко здравје, веќе се пријавуваат за бесплатна имунизација, од Министерството за здравство засега нема одговор кога точно ќе пристигнат вакцините против сезонски грип.

Зголемена е фреквенцијата на пациенти во ординациите на матичните лекари, но далеку е од онаа што престои во сезоната на грип, вели матичната докторка Симона Крстеска. Доколку потрае топлото време, грипот ќе дојде подоцна. Засега бактериско вирусните инфекции се причина поради која пациентите бараат лекарска помош.
За вирусите со кои во моментот одат пациентите нема вакцина, добро е што граѓаните ги знаат придобивките од вакцинацијата против сезонски грип и навреме се пријавуваат, особено оние со кревко здравје, објаснува докторката Крстеска. Минатата година над 70.000 граѓани се пријавија за бесплатна вакцина.
Од Министерството за здравство не одговорија кога ќе пристигнат вакцините за имунизација на населението против сезонскиот грип. Минатата и пред минатата година започна навреме, во втората половина на октомври, како ќе биде оваа година останува да видиме.
Наташа Јанчиќ - Менковски
