Култура

Големо археолошко откритие: Локалитетот Расница ќе ги надмине наодите од Требеништа

05.10.2026 18:23

Големо археолошко откритие кај струшко Корошишта. На локалитетот Расница е откриен вториот богат архајски гроб од шестиот век пред нашата ера, со целосна воена опрема, златна фолија и вредни предмети. Се претпоставува дека се работи за златна маска постара од требенишката.

Ново откритие на археолошкиот локалитет Расница во струшко Корошишта. Археолозите открија втор богат архајски гроб од шести век пред нашата ера, со наоди кои потврдуваат дека станува збор за значајна некропола. Погребаниот бил припадник со висок статус, а во гробот се пронајдени целосна воена опрема, штит, шлем, копја, бронзени садови, килибарни наоди и златни предмети.

Посебно внимание предизвикува златната фолија покрај шлемот, за која археолозите претпоставуваат дека станува збор за златна маска постара од требенишката.

„Значајна е, меѓутоа и хронолошки е малку постара според првите сознанија. Вчера го откривме гробот, денеска го истраживме. Доволно сме искусни за оваа проблематика. Малку е постар од требенишките и од гробот кој го откривме во 2024 година. По монументалност, гробниците што ги откривме овде ги надминаа требенишките. И самата местоположба на локалитетот е на самата раскрсница во регионот“, вели Перо Арџанлиев – археолог и раководител на истражувањата.

Истражувањата на Расница траат трета година. Археолозите велат дека годинава е откриен комплетниот контекст на погребувањето, што има особено научно значење.

„Повеќе не се работи за едно изолирано, исклучително откритие, а денес сме тука да презентираме дека можеме со сигурност да потврдиме дека се работи за некропола. Како Национален археолошки музеј ќе продолжиме и понатаму, а истражувањата ќе прераснат во систематски археолошки истражувања на овој простор“, изјави Магдалена Манаскова – директорка на Националниот археолошки музеј.

Од Управата за заштита на културното наследство најавија дека истражувањата ќе добијат статус на капитален проект, а ќе има и паричен надомест за сопствениците на нивите.

„Можам да истакнам дека како Управа за заштита на културно наследство, согласно нашите надлежности, ќе предложиме информација до Владата овие археолошки истражувања да добијат статус на капитален проект, да бидат повеќегодишни, континуирани, за да можеме да дојдеме до повеќе резултати и во делот на презентацијата на богатото културно наследство“, изјави Весела Честоева – директорка на Управата за заштита на културното наследство.

Археолошките пронајдоци ќе бидат конзервирани, а лабораториските анализи ќе дадат повеќе информации. Според монументалноста на откриените гробници, Расница би можела да ги надмине досега познатите археолошки наоди од Требениште.

Соња Рилковска