Украина

Зеленски очекува трилатерална средба со Русија во октомври

06.10.2026 14:45

Руските сили продолжуваат со нападите врз Украина, каде повторно се погодени инфраструктурни објекти, меѓу кои и мост во Запорожје, додека Киев возвраќа со удари врз цели во Русија. Во Москва и Московскиот регион е пријавен масовен напад со дронови, а украинските власти потврдуваат дека продолжуваат со удари врз руската енергетска инфраструктура.

Руските сили продолжија со нападите врз Украина. Погоден е уште еден мост во Запорожје, по што е затворен за сообраќај. Во Сумскиот регион има експлозии и десетици повредени. Киев возврати со удари. Русија пријави жртви и повредени во масовниот украински напад со дронови врз Москва и Московскиот регион, каде според руските медиуми е зафатен и најголемиот нафтен објект. Во меѓувреме, Зеленски очекува САД во октомври да организираат трилатерална средба со Русија.

„Ги користиме сите можни опции за интензивирање на дипломатијата. Очекувам американската страна да успее да организира трилатерален состанок во октомври. Нашиот тим е подготвен за состанок. Потребна е подготвеност од Русија“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.