Култура

„Музички код“ – концерт на Македонската филхармонија со Борјан Цанев

06.10.2026 11:34

Публиката ќе има можност да ги слушне увертирите од оперите на Моцарт, Росини и Вагнер, како и „Кориолан“ од Бетовен, „Академска фестивалска увертира“ од Брамс и „Свечена увертира“ од Шостакович.

Македонската филхармонија в четврток од 20 часот ќе го одржи концертот „Музички код“, на кој како диригент ќе настапи маестро Борјан Цанев. На програмата се увертири од познати оперски дела, како и композиции од Бетовен, Брамс и Шостакович.

Публиката ќе има можност да ги слушне увертирите од оперите на Моцарт, Росини и Вагнер, како и „Кориолан“ од Бетовен, „Академска фестивалска увертира“ од Брамс и „Свечена увертира“ од Шостакович.

Борјан Цанев повеќе од две децении е поврзан со Македонската филхармонија, каде што беше главен диригент, а во текот на кариерата настапувал со бројни оркестри во земјава и странство. Диригирал и со Лондонскиот симфониски оркестар, Софиската филхармонија, Филхармонијата во Краков и Северночешката филхармонија.

Цанев е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а за својата работа има добиено повеќе признанија, меѓу кои „Виртуози – најдобар музички изведувач“ и наградата „Ѓорѓи Божиков“.

Концертот „Музички код“ е уште едно негово гостување со Македонската филхармонија, по бројните настапи со ансамблот во земјава и на меѓународни сцени.