Вратите за македонско- чешката деловна соработка се ширум отворени!
Потенцијалот е голем- од Прага до бизнисот порака од премиерите Груевски и Соботка. За 10 години прометот во трговијата порасна за 20 пати, чешки фирми се успешни на македонскиот пазар...

Стабилна економска политика, најповолен даночен пакет во Европа, подобрување на инфраструктурата. Ова се само дел од адутите кои премиерот Никола Груевски им ги соопшти на чешките бизнисмени, за да го привлече нивниот интерес да инвестираат во Македонија. На бизнис- форумот во Прага, присутните стопанственици имаа можност во детали да ги слушнат параметрите за нашата земја- од странските инвестиции во слободните зони, преку намалувањето на невработеноста, до растот на економијата.
„Македонија нуди најдобар даночен пакет во Европа. Имаме ниски и рамни даноци. На пример, персоналниот Данок на доход, на платите е 10%, а Данокот на профит е 10%. За една третина ги намаливме придонесите, десеттина сектори на ДДВ ги префрливме од 18% на 5%, континуирано ги намалуваме царините“, истакна премиерот Груевски пред бизнисмените од Чешка.
Посилен развој на економската соработка посакува и чешкиот премиер, Бохуслав Соботка.
„Во последните 10 години прометот на чешко- македонската трговија порасна за 20 пати, а особено добро е што многу чешки фирми се успешни на македонскиот пазар и постои потенцијал за уште поголема взаемна соработка“, нагласи премиерот Соботка.
Некои од чешките бизнисмени кои имаат бизнис во Македонија зборуваа за доброто искуство. Ниските даноци ги предизвикуваат да размислуваат за дополнителни вложувања.
„Веќе 20 години мојата фирма е присутна во Македонија, средина која е одлична за работа. Бизнисот во индустријата е многу важен за нас. Сега особено сме заинтересирани за дополнителни вложувања поради поволниот даночен пакет, кој особено е исплатлив за нас“, вели еден од присутните бизнисмени на форумот.
Трговската размена меѓу Македонија и Чешка во првата половина од годинава изнесува 77,6 милиони долари.
Енергетика, градежништво, транспорт, земјоделие. Ова се областите во кои може да се очекува да инвестираат потенцијалните чешки компании.
Стојан Трпчевски, специјален известувач за МРТ од Прага
