Концертна вечер со Јаков Ангелов и Арда Мустафаоглу во Истанбул
На 8 октомври 2026 година, во Ерменската католичка црква „Сурп Левон“, пред истанбулската публика ќе настапат Јаков Ангелов - виолина и Арда Мустафаоглу - пијано.

Со концертна вечер којашто ќе ги обедини македонската музичка традиција и европскиот класичен репертоар, Македонскиот културен центар во Истанбул ја продолжува својата соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија. На 8 октомври 2026 година, во Ерменската католичка црква „Сурп Левон“, пред истанбулската публика ќе настапат Јаков Ангелов - виолина и Арда Мустафаоглу - пијано.
Програмата ќе започне во 19:00 часот со соло пијано рецитал на Арда Мустафаоглу, кој ќе изведе дела од Фредерик Шопен, Лудвиг ван Бетовен и Фазил Сај. Во неговата програма се вклучени Шопеновата Мазурка во а-мол, оп. 17 бр. 4 и Балада бр. 3 во Ас-дур, оп. 47, Бетовеновата Соната за пијано бр. 23 во ф-мол, оп. 57, како и композицијата Black Earth (Kara Toprak), оп. 8 од Фазил Сај.
Во продолжение на вечерта, Јаков Ангелов и Арда Мустафаоглу ќе настапат заедно, со програма составена од дела на Томазо Антонио Витали, Фриц Крајслер, Хенрик Виенјавски и Камиј Сен-Санс. Публиката ќе има можност да ги слушне Chaconne, Recitativo and Scherzo, Polonaise No. 2 и Introduction and Rondo Capriccioso.
Посебно место во програмата ќе има и македонската народна песна „Кажи, Анѓо“, во аранжман на Сони Петровски и преработка на Арда Мустафаоглу, со што во концертната програма ќе биде претставен и дел од македонското музичко наследство.
Со оваа концертна вечер, Македонскиот културен центар во Истанбул продолжува со својата програмска определба за претставување на македонските уметници и македонската култура пред истанбулската публика, како и за создавање нови можности за културен дијалог меѓу уметници и институции од Македонија и Турција.
