„Алиса се враќа дома“ премиерно во Драмски театар
„Алиса се враќа дома“, новиот македонски драмски текст на Ивана Смилевска во режија на Моника Ставревска, премиерно ќе биде изведен на 8 октомври во Драмскиот театар Скопје. Претставата, инспирирана од светот на Луис Карол, ја носи приказната за Алиса во современа дистопија во која критичката мисла станува престап, а прашањето „зошто?“ – опасност.

Во Срцелија сè е совршено, барем според официјалните податоци. Но, Алиса не престанува да прашува и да го преиспитува светот околу себе. Нејзината љубопитност и одбивањето да се вклопи во наметнатите правила ја претвораат во закана за системот.
Во центарот на претставата е Соња Стамболџиоска во улогата на Алиса, додека Црвената Кралица ја толкува Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Во актерската екипа се и Александар Степанулески, Лазар Христов, Златко Митрески, Ања Митиќ, Филип Трајковиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ и други.
Режисерката Моника Ставревска ја опишува претставата како ново читање на Кароловата „Алиса“, во кое Зајачката Дупка станува метафора за состојбата во која човек се повлекува од борбата и се откажува од себе.
Праизведбата е закажана за 8 октомври во 20 часот, а репризните изведби се на 9, 15 и 21 октомври. Претставата е дипломски проект на Ставревска, студентка по Театарска режија на Факултетот за драмски уметности – Скопје.
