Прилеп ќе добие современа капела
Прилеп ќе ја добие најсовремената капела во Македонија, која се простира на површина од 1.000 метри квадратни, а ќе има капацитет за извршување на повеќе погреби во еден момент. Инвестицијата е тешка 25 милиони денари, а освен неа во градот ќе се прават уште две помали капели. Услугите засега нема да бидат обврзувачки за граѓаните туку по желба...

На 10 октомври во Прилеп ќе биде пуштена во употреба една од најсовремените капели во Македонија. Се простира на површина од 1.000 метри квадратни, а ќе има капацитет за извршување на 4 погреби истовремено. Опремена е и со мортална касета со 9 засебни комори. Таа е лоцирана на новите градски гробишта.
„Вредноста на капелата е околу 25 милиони денари, тоа се пари на ЈКП „Комуналец“ и на Општина Прилеп“, рече Златко Ристески, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
И граѓаните се задоволни од отворањето на овој современ објект.
„Тоа ќе биде многу подобро отколку како што беше досега починатиот да се чува, секој нема место дома да ги прими гостите кои ќе дојдат и многу е почиста сметката на овој начин“, рекоа случајно анкетираните граѓани.
На барање на семејството една единица ќе може да се закупува и по повеќе часови.
На 10-ти октовмри ќе биде започната изградбата и на црквата Св. Троица која се наоѓа веднаш до капелата. Во иднина сите погребални услуги ќе се вршат тука, а не како што беше обичајот досега во црквите во градот.
Освен оваа ќе се градат уште две други помали капели.
„Ќе биде посртавен и камен темелник на уште една капела од помал обем, на старите градски гробишта, а со изградбата на џамијата во населбата Тризла, предвиден е и капелски дел кој ќе биде во склоп на самата џамија“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Еден погреб ќе чини 3.700 денари, а користењето на услугите на капелата засега ќе биде необврзувачко за семејствата, туку по желба.
Дарко Штаргоски
