пензии

Мицкоски: Пензискиот систем е стабилен, нема причина за грижа

06.10.2026 17:26

Пензискиот систем е стабилен и пензионерите не треба да се грижат, порача премиерот Христијан Мицкоски. Од СДСМ, пак, обвинуваат дека пензискиот систем е пред колапс и дека дупката достигнала историски милијарда евра. Мицкоски вели дека зголемувањето на пензиите било товар за буџетот, но придонело за намалување на сиромаштијата.

Пензискиот систем е стабилен, пензионерите да не се грижат, смирува Премиерот Мицкоски, додавајќи дека оваа Влада просечно ги зголеми пензиите, како никогаш досега. Парите кои се злоупотребуваат, треба да се пренасочат таму каде што е потребно, а не како што потенцира шефот на Владата, да ги користат фантоми во многу сектори, за што се прават и контроли. Посочи дека по деталната анализа и проверките на терен, фактурата за овој месец е за 200-те милиони денари помала, споредбено со истиот месец лани.

Пензискиот систем е пред колапс, владата на Мицкоски ја зголеми дупката на историски милијарда евра, над 14 насто од целиот државен буџет, обвинија од СДСМ. Од Бихаќка тврдат дека во ризик се исплатите на пензиите на сегашните и идните пензионери.

Премиерот појаснува дека линеарното зголемување на пензиите можеби беше дополнителен товар за државната каса, но од друга страна пак, значеше намалување на стапката на сиромаштија.

Премиерот е против иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на празници и неработни денови, бидејќи, како што вели, стекнатите права на работниците треба да се почитуваат.

Милчо Велески