Политика

Мицкоски без очекувања од средбата во Софија

06.10.2026 16:42

Премиерот Христијан Мицкоски не очекува конкретен резултат од претстојната средба на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со бугарската колешка во Софија. Вели дека може да се очекува дијалог, но не и суштински исчекор. Од СДСМ, пак, реагираат дека не треба однапред да се создава атмосфера дека разговорите со Бугарија ќе пропаднат.

Без големи очекувања од претстојната средба на шефот на дипломатија Муцунски со бугарската колешка Петрова во Софија. Во овој момент може да се очекува дијалог, но не и конкретен резултат, оцени премиерот Мицкоски. Очекувам некој дијалог на „пул асајд“, ние така го викаме-„на коњопој“, изјави претседателот на Владата.

„Имајќи ја предвид мојата анализа, која вчера му ја кажав на министерот за надворешни работи, еве ќе бидам повторно дипломатски некоректен, а имајќи го предвид однесувањето на официјална Софија, не очекувам потврда, не очекувам ништо. Очекувам некој дијалог на „пул асајд“, ние така го викаме, „на коњопој“ и тоа е приближно тоа“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

За социјалдемократите неприфатливо е подгревање на атмосфера и стратегија, разговорите со источниот сосед да пропаднат уште пред и да бидат започнати.

„Она што сега ќе следи во овој период е повторно иницирање, разгорување на темата Бугарија. Злоупотреба на историјата, нова злоупотреба на историјата, за да се најде ново оправдување за неуспехот којшто го имаме пред нас и ново оправдување зошто не може оваа Влада да направи исчекор кон Брисел“, изјави Андреј Жерновски, член на Извршен одбор на СДСМ.

Муцунски и Петрова ќе се сретнат в четврток во Софија на маргините на меѓународна министерска конференција за коридорот 8. Барањето за разговор беше испратено од македонска страна откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при посетата на Скопје го посочи директниот дијалог како прв чекор во обидот да се придвижи евроинтегративниот процес.

Марина Стојанова-Тонева