Македонија

Министерството за јавна администрација го започнува новиот циклус на генерички обуки: Обучени за подобра услуга

06.10.2026 16:10

Преку денешната програма административните службеници се стекнуваат со знаења и практични вештини во три области од особено значење за нивната секојдневна работа – менторство, комуникациски вештини, како и еднаквост и недискриминација. Целта е обуките да не останат само во училницата, туку стекнатото знаење да се примени во институциите и директно да придонесе за подобар однос и подобра услуга кон граѓаните...

Министерството за јавна администрација го започнува новиот циклус на генерички обуки за административните службеници за 2026 година, со јасна цел, знаењето и професионалниот развој да се претворат во поквалитетна, побрза и подостапна услуга за граѓаните. По обуките реализирани во Скопскиот, Полошкиот, Источниот и Пелагонискиот регион, циклусот продолжува во Југоисточниот регион, со што досега низ програмата поминаа повеќе од 1.000 административни службеници.

„Јавната администрација не е трошок. Таа е инвестиција во државата. Инвестиција во знаење. Инвестиција во доверба. Инвестиција во подобри услуги за граѓаните“, порача министерот за јавна администрација Горан Минчев на денешното отворање на обуките во Струмица.

Преку денешната програма административните службеници се стекнуваат со знаења и практични вештини во три области од особено значење за нивната секојдневна работа – менторство, комуникациски вештини, како и еднаквост и недискриминација. Целта е обуките да не останат само во училницата, туку стекнатото знаење да се примени во институциите и директно да придонесе за подобар однос и подобра услуга кон граѓаните.

Овој процес е дел од пошироката реформа на системот за професионален развој на административните службеници. Со Законот за стручно усовршување и обука е поставена основата за систем во кој учењето и развојот ќе бидат континуиран дел од кариерата, а во 2027 година се очекува да започне со работа Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници.

„Граѓанинот ја чувствува државата тогаш кога службеникот постапува професионално, одговорно и со почит. Затоа, обуките ги гледаме како инвестиција во знаењето, во компетенциите и во квалитетот на јавната услуга“, истакна министерот Минчев.

Министерството продолжува да вложува во создавање администрација која учи, се развива и презема одговорност за резултатите што ги испорачува. Затоа што зад секој документ, секоја постапка и секоја услуга стои човек, а токму од знаењето, професионалноста и односот на тој човек зависи каква држава ќе почувствува граѓанинот.