Вакцината против грип доцни поради глобален проблем во производството
Вакцините за сезонски грип сè уште не се обезбедени, на тендерот за набавка не пристигнала ниту една понуда. Причина е проблем со производството на глобално ниво. Од Министерството за здравство очекуваат месецов тие да бидат обезбедени преку меѓународни канали.

По шест дена молк Министерството за здравство утрово одговори на прашањата на МТВ. Вакцините за сезонски грип сè уште не се обезбдени. На објавениот тендер за набавка не пристигнала ниту една понуда. Причина е проблем со производството на глобално ниво, а не во нивната постапка.
Мутацијата на вирусите, наводно е причината што не се знае кога ќе има вакцини во земјава.
„Оваа година, првпат одеднаш се променети сите три вирусни соеви во составот на вакцината (два за грип А и еден за грип Б). Светската здравствена организација и американската агенција ФДА ги ажурираа трите соеви заедно, што го одложи почетокот на производството кај производителите низ светот. Министерството е во постојана комуникација со земјите од регионот и пошироко и се очекува наскоро, во текот на овој месец да бидат обезбедени вакцини преку меѓународните канали“, стои во соопштение на Министерството за здравство.
Со 70.000 дози изминативе две години имаше широка и навремена покриеност од сезонскиот грип. Кога годинава ќе се заштитат граѓаните од грип, останува да видиме. Вакцинацијата е особено важна за возрасните граѓани, како и оние со хронични заболувања.
Наташа Јанчиќ – Менковски
