Лотарија под истрага, Груби со барање за пасошот
Нова истрага во Државна лотарија – две вработени се лишени од слобода под сомнение за проневера и фалсификување деловни книги, со штета од речиси 80 милиони денари. Во меѓувреме, во одвоениот случај „Лотарија“, ексвицепремиерот Артан Груби бара да му биде вратен пасошот, нудејќи недвижен имот...

По истрагата на Финансиската полиција, две лица вработени во Државна лотарија се лишени од слобода поради сомневања за „Проневера во службата“ и „Фалсификување или уништување деловни книги“. Станува збор за директорката на Секторот за финансии и сметководство и за шефицата на финансиски работи.
„Целокупниот дневен промет за 2024 година, во вкупен износ од 46.038.720 денари, кој им бил доверен од сопствените продажни места на АД Државна лотарија, не го уплатиле и депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, а од банкарските сметки на АД Државна лотарија подигнале парични средства во вкупен износ од 33.950.724 денари, кои противправно ги присвоиле за себе“, стои во соопштението од Управата за финансиска полиција.
Од Финансиската полиција информираат дека уапсените, за да ги прикријат трагите, вршеле префрлање на парични средства помеѓу банкарските сметки на друштвото, креирале налози за трансакции и реализирале уплати и исплати со кои лажно прикажувале дека биле извршени финансиски трансакции во значителни износи. Истовремено, изготвувале и употребувале невистинита финансиска и сметководствена документација. Штетата за Лотаријата е пресметана на безмалку 80 милиони денари.
Од друга страна, за случајот „Лотарија“, кој е во фаза на судење, со 335 илјади евра недвижен имот како гаранција дека нема да бега, ексвицепремиерот Артан Груби бара скопскиот Кривичен суд да му го врати пасошот. За барањето на Груби оформен е предмет, кој е доставен на мислење до обвинителството. По добивањето на мислењето, Кривичниот совет ќе постапува по предлогот и ќе донесе одлука, извести Кривичниот суд.
Миле А. Ристески
