Продолжува судењето за кочанската трагедија
Три влеза и три излези имала дискотеката „Пулс“, а објектот поседувал и елаборат за противпожарна заштита, сведочеше градежниот вештак предложен од одбраната на сопственикот Дејан Јованов. Според него, кровната конструкција не претрпела колапс и останала статички стабилна по пожарот.

Три влеза и три излези имала дискотеката „Пулс“, а објектот поседувал елаборат за противпожарна заштита, вака на денешното рочиште сведочеше градежниот вештак предложен од газдата на „Пулс“, Дејан Јованов во случајот за кочанската трагедија. Во однос на кровната конструкција на објектот, вештакот тврди оти пожарот не направил поголема штета.
„Во однос на кровната конструкција при увидот на лице место може да се каже дека истата не претрпела колапс, останала во состојба на статична стабилност. Има одредени собирања, нормално кај челикот при високи температури. Морам да додадам дека кровната конструкција е изведена од челични носачи, дрво и дрвени елементи. Кровната конструкција одговорила на својата намена и останала во стабилна состојба“, рече сведокот на одбраната.
Родителите реагираа дека сведочењето е некредибилно. Повторно беа опоменати од судијката дека ќе бидат отстранети од судницата.
Судењето продолжува со распит на сведоците на одбраната.
Викторија Милевска
