Нова ескалација на протестите на средношколци во Франција
Протестите во Франција се радикализираат. Илјадници средношколци поддржани од студенти, наставници, родители и синдикати излегоа на улиците низ десетици градови во нова ескалација на движењето за подобри услови во образованието. Организаторите повикаа на мирни демонстрации и се оградија од насилството...

Протестите во Франција се радикализираат. Илјадници средношколци поддржани од студенти, наставници, родители и синдикати излегоа на улиците низ десетици градови во нова ескалација на движењето за подобри услови во образованието. Организаторите повикаа на мирни демонстрации и се оградија од насилството, додека училиштата останаа под блокада.
„Имам една порака до средношколците – да бидат одговорни и да не западнат во ова насилство, кое ни штети и им дозволува на оние кои сакаат да нè дискредитираат“, порача Натанаел Комбари, лидер на националното здружение на средношколци.
Во Париз повторно дојде до судири со полицијата која интервенираше за да ги отстрани барикадите. Родителите и наставниците застанаа на страната на учениците, обвинувајќи ја владата дека наместо со дијалог, одговара со репресија.
„Фактот што средношколците ги блокираат училиштата и улиците не е проблемот. Проблемот е што имаме барања, а владата користи сила со полицајци за да го избрише ова мислење. Употребата на сила и насилство врз малолетници не е соодветна“, истакна Феликс Барни, универзитетски студент.
„Не сме против полицијата, но ние сме во дефанзива. Наставници, родители и федерации ја делиме истата цел – заштита на правата на децата“, изјави Емилија Сичили Суријам, Здружение на родители.
„Десет дена средношколците се мобилизираат околу легитимни барања. Единствениот одговор што го добија досега е репресија“, рече Сигрид Жерардин, наставничка во средно училиште.
Владата, пак, го брани полицискиот одговор. Тврдат дека полицијата првенствено ги штити учениците.
„Од самиот почеток повикувам на дијалог. Видовме ултранасилни елементи кои се инфилтрираа во протестите, пукаа со минофрлачи кон полицијата и луѓето и се однесуваа насилно, а одговорот мора да биде пропорционален, особено затоа што меѓу демонстрантите има малолетници“, посочи Едуар Жефре, министер за образование на Франција.
Владата најавува промени во средното образование и пополнување на кадровските празнини пред зимата, додека немирите ја зголемуваат политичката и финансиската нестабилност во земјата шест месеци пред претседателските избори. Од почетокот на протестите досега се повредени десетици членови на училишниот персонал и илјадници уапсени и стотици повредени.
Бојана Крстевски
