Сончево и релативно топло, за викендот дожд и грмежи
Во Скопје ќе биде сончево и релативно топло, со мала облачност и слаб ветер од променлив правец. Температурата ќе се движи од минимални 2 до максимални 26 степени.

По ведрото и студено утро, денеска нè очекува сончево и релативно топло време, со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Утринските температури ќе се движат од -3 до 8 степени, додека дневните ќе бидат значително повисоки и ќе достигнат од 22 до 28 степени.
Во Скопје ќе биде сончево и релативно топло, со мала облачност и слаб ветер од променлив правец. Температурата ќе се движи од минимални 2 до максимални 26 степени.
Во четврток се очекува постудено утро, но во текот на денот ќе се задржи претежно сончево време со мала до умерена облачност.
Промена на временските услови се очекува од петок. Во петок и во текот на викендот ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на одредени места ќе бидат пообилни. Локално се очекуваат поројни врнежи, а можна е и појава на ретки грмежи.
Истовремено, утринските температури постепено ќе бидат во пораст.
