Македонската книжевност со „Читај во 7/8“ на Саемот на книгата во Франкфурт
Во фокусот ќе бидат современата македонска книжевност и литературата за деца, како и можностите за поддршка на нови преводи и странски изданија. МАИ ќе го продолжи комуникацискиот концепт „Читај во 7/8“, со кој македонската книжевност се претставува како книжевност со сопствен ритам и препознатлив глас.

Македонската книжевност ќе биде претставена на 78. Саем на книгата во Франкфурт, кој од 7 до 11 октомври ги собира издавачите, авторите, литературните агенти, преведувачите и професионалците од книжевниот и креативниот сектор од целиот свет. Македонската асоцијација на издавачи годинава најавува освежен изглед на националниот штанд, повеќе книги и автори и појасно структурирана понуда за меѓународниот издавачки пазар.
Во фокусот ќе бидат современата македонска книжевност и литературата за деца, како и можностите за поддршка на нови преводи и странски изданија. МАИ ќе го продолжи комуникацискиот концепт „Читај во 7/8“, со кој македонската книжевност се претставува како книжевност со сопствен ритам и препознатлив глас.
Посебен акцент ќе биде ставен на можностите за финансиска поддршка на преводот и објавувањето македонски автори во странство. На саемот МАИ ќе го промовира и актуелниот конкурс на Министерството за култура и туризам за финансирање превод на странски јазици.
Претседателот на Македонската асоцијација на издавачи, Бојан Саздов, вели дека настапот во Франкфурт се гради како континуиран процес, со цел интересот за македонските автори да се претвори во конкретни преводи, странски изданија и долгорочни партнерства.
Македонската делегација ја сочинуваат претставници на издавачките куќи членки на МАИ, кои на саемот ќе ги претставуваат своите издавачки програми, како и авторите и делата застапени во каталозите. Целта е да се отворат нови можности за преводи, продажба на авторски права и соработка со странски издавачи.
Саемот на книгата во Франкфурт е еден од најзначајните годишни собири на светската издавачка индустрија и водечко место за трговија со авторски права и содржини, професионални средби и воспоставување меѓународни партнерства. Годинашен почесен гостин на 78. издание е Чешка.
Националното претставување на македонската книжевност се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.
