Македонските аеродроми со 3,3 милиони патници во првите девет месеци – раст од 29%
Скопскиот и охридскиот аеродром во првите девет месеци од годинава опслужиле 3,3 милиони патници, што е зголемување од 29 проценти во однос на истиот период лани. Во истиот период е регистриран и пораст од 10 проценти на бројот на летови.

Според податоците на ТАВ Македонија, Меѓународниот аеродром Скопје од јануари до септември опслужил повеќе од 3 милиони патници, со годишен пораст од 29,07 проценти, додека аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид регистрирал речиси 266 илјади патници, односно 26,76 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Вкупниот број летови на двата аеродрома достигнал 22.147, што претставува пораст од 10 проценти.
Од скопскиот аеродром најфреквентна дестинација е Истанбул, а меѓу водечките се и Базел-Милуз, Минхен, Дортмунд и Цирих. Најголем удел меѓу авиокомпаниите има „Виз ер“ со 63,8 проценти.
Од охридскиот аеродром најмногу патници летале кон Братислава, Базел, Дортмунд, Меминген и Цирих, додека „Виз ер“ има најголем удел од 70 проценти.
Во летниот распоред годинава се воведени десет нови дестинации од двата македонски аеродрома. Од Скопје се воведени летови кон Неапол, Будимпешта, Палермо, Алгеро, Трабзон и Самсун, а од Охрид кон Милано, Виена, Вроцлав и Катовице.
Според ТАВ Македонија, растот на авиосообраќајот е потврден и со податоците на Меѓународниот совет на аеродроми – Европа, според кои македонскиот авијациски пазар во август бил меѓу најбрзорастечките во Европа.
