Македонија

МВР: 92 неправилности утврдени при контрола на возила за јавен превоз

07.10.2026 15:21

МВР контролирало 405 автобуси и други возила за јавен превоз на патници – 34 се исклучени од сообраќај, а 170 се упатени на технички преглед.

На 6 октомври, во периодот од 8 до 13 часот, Министерството за внатрешни работи спроведе засилени акциски контроли на автобуси и други возила со кои се врши јавен превоз на патници на територијата на целата држава.

Контролирани биле вкупно 405 возила, при што кај 92 се констатирани неправилности. На технички преглед биле упатени 170 возила, додека 34 се исклучени од сообраќај поради утврдени неисправности.

Во текот на контролите се поднесени и три кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик, а едно возило е одземено согласно член 300-б. Констатирани се и 239 други прекршоци.

Од МВР информираат дека за сите утврдени прекршоци се преземени соодветни мерки согласно законските прописи и најавуваат продолжување на засилените сообраќајни контроли со цел поголема безбедност и сигурност во јавниот превоз на патници.