Виш јавен обвинител од Битола осомничен за влијание врз обвинители и судии во четири предмети
Ургирал за пониски казни или за подобра позиција на осомничени и обвинети – виш јавен обвинител од Битола ја користел својата положба да влијае врз одлуките на негови колеги и на судии во најмалку четири предмети. Притоа го снимиле, па сега е осомничен за примање награда за противзаконито влијание – остана без пасош и е оддалечен од работното место.

61-годишниот обвинител од битолското вишо обвинителство заработи кривична пријава.
Тој е осомничен за сторено кривично дело, примање награда за противзаконито влијание.
Вишиот обвинител е осомничен е дека ургирал кај колеги, јавни обвинители и судии, за одредување пониски казни или поповолни позиции за осомничени, во најмалку четири случаи. Бил снимен, а при претресите во неговите канцеларија и дом се одземени мобилни телефони, компјутери и УСБ.
„Во изминатиот период, преку повеќе дејствија и примена на посебни истражни мерки, обезбедени се докази коишто упатуваат на основано сомнение дека тој го искористил своето реално влијание и службената положба што ја извршувал, за недозволено да влијае врз одлучувањето на колеги, јавни обвинители и судии, во најмалку четири поединечни предмети, на подрачјето на коешто ја вршел својата функција. Притоа, ургирал за пониски казни или за да обезбеди поповолна позиција за осомничени или обвинети лица во кривична постапка“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
На нивно барање, судија на претходна постапка при Кривичниот суд во Скопје, определи мерки за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за преземање на определени работни активности.
„По сослушувањето на обвинетиот во присуство на неговиот бранител, како и по ценење на фактите и доказите содржани во предлогот, донесено е решение со коешто се прифати предлогот на основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, се вели во соопштението на скопскиот Кривичен суд.
Марија Котовска
