Поделени ставови за проширувањето и ограничувањето на правото на вето
Двотретинското гласање за проширувањето и ограничувањето на правото на вето, кое нема да се применува сè до конечната одлука, наиде на различни реакции од европратениците – едни го поддржуваат, други остро се противат. Очекувано, бугарските претставници со критики дека не треба да се избрзува со приемот на Македонија во ЕУ.

Двотретинското гласање за проширување и ограничување на правото на вето поради билатерални спорови наиде на различни реакции од европратениците. Едни се „за“, други не се откажуваат од правото на вето.
„Едногласноста е важен чекор, што сега е поотворен за случаи. Добро е да остане за почеток преговори и прифаќање нова членка, но не за меѓучекори како за отворање на кластери“, изјави европратеникот Томас Вајц.
„Укинувањето на едногласноста и замената со квалификувано мнозинство е избрзано и не треба да се брза со прием на секој кандидат ако не е подготвен. На пример, Северна Македонија каде се нарушуваат човековите права“, изјави европратеникот Станислав Стојанов.
„Господине Стојанов, и јас сум за едногласност, но не да се злоупотребува. Не сакаме да го укинеме туку за да бидеме поефективни, за некои одлуки членките ќе дискутираат да гласаат со мнозинство“, му возврати еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Еврокомесарката Кос нагласи дека билатералните спорови немаат ништо заедничко со проширувањето и треба да се решаваат билатерално. Европратениците изразија загриженост што едни кандидатки се третираат како лидери, а за другите е предложена постепена интеграција, што не е иста за сите.
„Околу различниот третман при постепената интеграција. Кандидатките се различно силни во различни области. На пример, ако Украина е силна во безбедноста, во таа област ќе ги интегрираме полесно и побрзо од другите. Има кандидатки кои се поподготвени да бидат дел од еколошкиот пакет што е доста финансиски тежок. Навистина зависи од нивните заслуги и заедничкиот договор“, нагласи еврокомесарката Кос.
Новата стратегија за проширување треба да биде усвоена од сите земји – членки на претстојниот Совет при крајот на следната недела.
Ирина Гелевска
