Инфлацијата под контрола, растот на БДП главна надеж
Растот на цените под контрола. Инфлацијата во септември е на исто ниво како и во август, измери Државната статистика. Трошоците за живот се намалени во однос на лани. Власта задоволна – вели, ќе имаме раст на економијата и една од најниските стапки на инфлација во регионот. Опозицијата критикува – со ваков раст ќе ни требаат 75 години да го стасаме просекот на ЕУ.

Инфлацијата е под контрола. Податоците на Државниот завод за статистика за септември покажаа дека ситуацијата не е променета во однос на август, а на годишно ниво, трошоците на живот се зголемени за 2,7 проценти, а цените на мало за 1,7.
„Во септември, намалување има кај транспортот за 3.4%, кај рестораните и сместувачките капацитети за 0.3%, а поскапување има кај покуќнината и домаќинствата за 1,3%, кај храната и безалкохолните пијалаци за 0,5%.“ – стои во соопштението од ДЗС.
Премиерот Мицкоски очекува земјава да биде меѓу групата со најниски стапки на инфлација во регионот и во Европа, како и со раст на БДП што ќе се движи меѓу 3,5 и 4 проценти.
СДСМ критикува – извештајот на Светска банка покажа дека Македонија тапка во место и оти ќе бидат потребни 75 години за да го стигнеме европскиот просек.
Проценката на Светска банка за годинава почна со раст на БДП од 2,6%, која потоа е зголеми на 2,9%, па на 3,2%.
Од Владата очекуваат економијата годинава да порасне меѓу 3,5% и 4%, по променетата прогноза на Светска банка за растот на македонската економија. Позитивен сигнал е и фактот што извозот расте побрзо од увозот.
Борис Грујоски
