Објавен тендерот за третата фаза од пругата кон Бугарија
Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, рокот за доставување понуди е до 20 јануари, а изборот на изведувач се очекува до крајот на април.

Тендерот за изградба на третата, најкомплицирана фаза од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до меѓуграничниот тунел, е објавен на официјалниот систем за јавни набавки на Европската Унија.
Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, рокот за доставување понуди е до 20 јануари, а изборот на изведувач се очекува до крајот на април.
Според Николоски, доколку постапката се одвива според предвидената динамика, изградбата на третата фаза би можела да започне во мај или јуни следната година.
Втората фаза, од Бељаковце до Крива Паланка, во моментов е реализирана околу 40 проценти и се очекува да биде завршена до 2028 година. Николоски вели дека тогаш би требало да биде воспоставена и меѓуградска железничка линија Скопје–Куманово–Крива Паланка.
Во однос на брзата пруга на Коридорот 10, Николоски посочи дека шесте студии се завршени во предвидениот рок и оти следуваат избор на финансиер и изведувач. Почетокот на активностите на терен го очекува во март или април следната година, зависно од собраниските процедури и временските услови.
За проектот, според Николоски, е предвидена најниска каматна стапка во регионот и најниска камата за инфраструктурен проект досега реализиран во земјава.
