Технологија

ОпенАИ објави 377 математички проблеми решени со вештачка интелигенција

07.10.2026 13:23

Американската компанија ОпенАИ објави 377 нови резултати добиени со помош на вештачка интелигенција за математички проблеми од различни области, меѓу кои алгебра, теорија на броеви, теоретска компјутерска наука, математичка логика и топологија.

Според пишувањето на весникот „Њујорк тајмс“, овие резултати следуваат откако ОпенАИ во септември соопшти дека успеал да реши проблем поврзан со Навие-Стоксовите равенки, кои го опишуваат движењето на флуидите и се вбројуваат меѓу „Милениумските проблеми“.

ОпенАИ сподели 377 нови резултати добиени со помош на вештачка интелигенција за математички проблеми од различни области, меѓу кои алгебра, теорија на броеви, теоретска компјутерска наука, математичка логика и топологија.

Како и во случајот со истражувањето поврзано со Навие-Стоксовите равенки, новите математички резултати биле добиени со користење понапреден модел на вештачка интелигенција, кој сè уште не е јавно достапен.

Компанијата во писмено соопштение наведе дека за добивање на секој од резултатите биле потребни во просек околу три часа.

Во соопштението се наведува дека доказите биле проверени со помош на компјутерскиот јазик „Лин“, кој овозможува проверка на исправноста на основната логика. Новите истражувања ќе бидат додавани во базата на податоци по нивното завршување.

Исто така, беше посочено дека се одржани консултации со советодавна група со цел развивање методи преку кои резултатите од примената на вештачката интелигенција во математиката ќе бидат споделувани со научната заедница.

За подобро разбирање на математичките резултати добиени со помош на вештачка интелигенција ќе се обезбедува финансиска поддршка за работилници, конференции и специјализирани програми. Истовремено, напредните модели ќе продолжат да се тестираат во различни научни области.

ОпенАИ објави и резимеа за десет проблеми, во кои е прикажано како моделот на вештачка интелигенција дошол до нивното решение.

Американската компанија за вештачка интелигенција ОпенАИ во септември 2026 година соопшти дека со помош на модел на вештачка интелигенција од новата генерација успеала да реши напреден математички проблем кој не бил решен 90 години.

Според тогашното соопштение, за решавање на математичкиот проблем била користена група од околу 10 илјади агенти со вештачка интелигенција, кои задачите ги извршувале делумно автономно. Проблемот бил решен за 88 часа.

Беше наведено дека проблемот е поврзан со Навие-Стоксовите равенки, кои го опишуваат движењето на флуидите, како и дека во процесот биле употребени околу три милиони пораки и 130 милијарди податоци.